Манифестации
Манифестации
Астер Фест
МЕЃУНАРОДЕН ФИЛМСКИ И ВИДЕО ФЕСТИВАЛ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
“АСТЕР ФЕСТ “
Фестивалот “Астерфест” започна да се одржува од 2005 година. Фестивалот од 2006 година има натпреварувачки карактер и во програмата “Астердокс” се доделуваат три награди за документарни филмови над 30 минути: златна, сребрена и бронзена потковица. Покрај овие награди се доделува и специјална награда “Златен стар проектор” и награда за високи достигнување во областа на филмот “Астер”. На фестивалот земаат учество професионални филмски автори, кои живеат или се родени во југоисточна Европа. На фестивалот се прикажуваат кратки и долги проектирани содржини.
ФКТ Ристо Шишков
ФЕСТИВАЛ НА КАМЕРЕН ТЕАТАР “РИСТО ШИШКОВ”
Се одржува од 1993 година во чест на великанот на македонското актерство, Рисот Шишков. Од 2005 година фестивалот е со меѓународен карактер. Фестивалот започнува на 8 септември, а бројот на театарски претстави и времетраењето на фестивалот се менуваат секоја година.
На фестивалот се доделува единствена награда за високо актерско достигнување. Наградата е златен медалјон со ликот на Ристо Шишков и парична награда од 1500 евра во денарска противвредност. Досегашни добитници на наградата за високо актерско остварување “Ристо Шишков” се: Сенко Велинов, Игор Џамбазов, Диме Илиев, Зора Георгиева, Перихан Ејупи, Јоана Поповска, Владимир Илиевски, Елена Моше, Петар Темелковски, Митко С.Апостоловски, Ѕвезда Ангеловска, Соња Михајлова, Васил Зафирчев, Дејан Лилиќ.
Подетално за фестивалот на www.siskov.org.mk
Ликовна колонија
ЛИКОВНА КОЛОНИЈА
Меѓународната струмичка ликовна колонија се организира од 1964 година на иницијатива на Кочо Урдин, а од 1969 прераснува во меѓународна манифестација. Таа се оддржува секоја година од 1 до 20 август. Најмногу учесници на колонијата имало 1964 г. – 34, а најмалку 1965 г. и 1967 г. – 11 учесници. Во просек на колонијата учествуваат од 16 до 25 уметници од земјата и од странство. Секој уметник е должен да создаде две дела за време на колонијата. Тематски, уметниците не се ограничени.
Галеријата располага со 1870 експоната од сите техники. На галеријата имаат учествувано 875 ликовни творци. Дела на колонијата се: споменикот Гоце Делчев, скулптурите “Фаќање на василевското бекче” и споменикот “Македонија”(Борис Трајковски) во градскиот парк, скулптурата “Отпор” пред салата”Парк”. Најдобрите дела се презентираат на 11 Септември – Денот на ослободување на Струмица од фашизмот. Потоа делата се презентираат во галериите низ целата држава. Најголемо достигање на колонијата е нејзиното презентирање во Музејот за современа уметност во Истамбул.
Струмички карневал
СТРУМИЧКИ КАРНЕВАЛ
Има многувековна традиција и се одржува секоја година за време на христијанскиот празник Тримери, на големиот Велигденски пост. Датумот на одржување се менува во зависност од Велигден, a денот на одржување секогаш е вторник после чист понеделник.
Зборот карневал, доаѓа од латинските зборови: carne – месо и vali – збогум. Карневалот претставува еден остаток од еден култ од паганското време и во суштина ги означува славењето на плодноста и прочистувањето од сенишните енергии на секојдневието. Во 1670 година турскиот патеписец Евлија Челебија, кога претстојувал во Струмица запишал:”Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскираните луѓе претрчуваа од куќа во куќа , низ смеа, писок и песна”.
Од 1991 година, па до сега е воспоставена организирана форма на карневалот. Во 1994 година, Струмица станува член на ФЕЦЦ (федерација на европски карневалски градови), а во 1998 година беше домаќин на XIX интернционален конгрес на карневалски градови. Свеченото отварање на карневалот се случува во сабота вечер со маскенбал на кој се избираат Принцот и Принцезата. Во неделата се одржува детскиот карневал, а после чистиот понеделник, во вторникот е е главната карневалска вечер. На карневалот покрај учесниците од земјава , учествуваат и групи од странство и се доделуваат поединечни и групни награди на слободни и изворни теми. Во рамките на карневалот од 2000 година се одржува фестивалот за карикатури и афоризми
Kалендар на настани:
Сабота:
Маскенбал на кој се избираат Принцот и Принцезата на карневалот кои ја предводат карневалската поворка.
Недела:
Прочка, Детски карневал.
Понеделник:
Чист понеделник, строг пост.
Вторник:
ГЛАВНА КАРНЕВАЛСКА ВЕЧЕР. Почеток 19.00 часот.
Среда: Тримери, Празник на армасаните. Мегународен фестивал на карикатура и афоризам, Прогласување на најуспешните маски на карневалот.
Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам
Се одржува во склоп на традиционалните карневалски празнувања во Струмица, во време на Тримерските обичаи.Темата на фестивалот е карневалот со лесна еротика и има награден карактер.
Учество на фестивалот земаат многу домашни и странски карикатуристи и уметници. Како резултат од фестивалот Центарот т.е градот Струмица располага со веќе значителен фонд на карикатури и афоризми.
Подетално на www.strumicakarneval.org.mk