Меморијални споменици
Меморијални споменици
Споменик на петте струмички студенти
Се наоѓа во малиот градски парк. Посветен е на петте струмички студенти (Борис Велев, Ѓорѓи Јармов, Ѓорѓи Костуранов, Мирко Пецев, Стево Топчев), кои биле убиени во 1951 година….”
Меморијален центар Б.Ј.Мучето
Меморијален Музеј посветен на народниот херој Благој Јанков – Мучето. Спомен куќата е во центарот на градот во близина на Малиот градски парк на ул. “Светозар Марковиќ” бр.1. Таа е едноспратна приземна куќа со 4 соби од кои две се во битов дел, односно со автентични етнолошки предмети од времето кога во неа живеел Благој Јанков. Другите две соби се преуредени во постојана поставка со фотографии, лични предмети и одликувања, со цел визуелно да се прикаже животот и делото на Благој Јанков Мучето.
Меморијалниот Музеј е отворен на 14.07.1964 година, годишнина од загинувањето на херојот.
Споменик Костурница
Спомен Костурница е изграден на ридот Самораница на 327 м. надморска висина. Изградбата започна 1979 година, а на 04.07.1982 година со свечен чин се пренесени моштите на загинатите борци во НОВ и положени во саркофагот. Во саркофагот се наоѓаат посмртните останки на: Благој Јанков Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Васил Сурчев, Киро Абрашев, Иљо Шопов, Јанко Цветинов и Димитар Цветинов. Дело е на архитектот Благој Колев, граден е од бел мермер. На платото е аулата со саркофагот од кафеав мермер. Аулата има 2 врати влез – излез и е во форма на полукруг, осветлена од три странични прозора и еден централен. Платото е градено во замисла на отворен амфитеатар, а мермерните платна се во форма на раскинати ланци, раскинето ропство. Пишаните стихови пред влезот во аулата се на Коце Солунски:
Татковино огниште разгоривте
древни темели зацврстивте
простор немирлив засводивте
во својата срцевина
Споменик 11 октомври
Овој споменик е прво обележје подигнато по ослободувањето на територијата на Струмица. Откриен е на 11.10.1949 година.
Споменикот се наоѓа во горниот дел од Малиот градски парк, во центарот на градот. Зазема централно место од паркот. Споменикот е изграден од бетон во форма на пирамида на која има од двете страни мермерни плочи со ист текст. Заграден е со бетонска ограда.
Споменик на револуцијата
Споменик на Револуцијата – Споменикот е подигнат на влезот од Градскиот парк и е посветен на паднатите борци во НОВ во Струмица. Дело е на академскиот ликовен уметник Илија Аџиевски од Скопје.
Споменик Гоце Делчев
Споменик на Гоце Делчев – Подигањето на овој споменик е по повод стогодишнината од неговото раѓање, честото присуство во Струмица и неговата поврзаност со членовите на Револуционерната Организација од овој град. Реализацијата на споменикот започна 1973 година, а заврши 11.10.1976 година. Поставен е на истоимениот плоштад. Дело е на академскиот ликовен уметник Бранко Конески, а партерното решение е дело на архитектот Мирјана Волинец.
Доминантна е скулптурата од лиена бронза на Гоце Делчев во натприродна висина од 5,20 м. со симболична претстава на повик на борба за слобода, поставена на постамент. Колосалната статуа го претставува го претставува Гоце Делчев зачекорен со десната нога, двете раце му се широко раширени и е облечен со гуна во комитска униформа. Лево и десно од скулптурата на Гоце Делчев има две странични мермерни платна со релјеф на кои се поставени 16 фигури на револуционери со висина од над 2 метри, исто така поставени во движење со различити изрази на лицата. На позадината од мермерните платна се напишани записи, заклетви преписки од времето на Гоце.
Споменик Македонија
Во срцето на Струмичкиот градски парк е поставен споменикот “Македонија”.Споменикот е изграден во чест на нашиот сограѓанин, трагично загинатиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Автор на скулптурата “Македонија” е познатиот Руски скулптор од светски глас Григориј Потоцки. Истата беше изработена во рамките на “Меѓународната струмичка ликовна колонија – 2005”. На мермерната плоча на споменикот е испишана познатата изрека на претседателот Б.Трајковски “сите заедно споделуваме една единствена судбина наречена Македонија…”
Споменикот е резултат на иницијативата на локалната самоуправа и е реализиран во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација.
Споменикот беше откриен од страна на Претседателот на Собранието на Република Македонија, Љупчо Јордановски и Градоначалникот на Општина Струмица Зоран Заев, на 11 Декември 2005 година по повод Денот на заштитниците на Струмица Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици.