Градоначалникот Коста Јаневски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска, го посетија селото Сачево каде што се врши чистење на одводните канали. Чистењето започна на иницијатива на општина Струмица, а во соработка со Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ и АД Водостопанство, подружница „Струмичко поле“ и се спроведува во четири населени места.
Целта на оваа посета е да ги согледаме досегашните активности кои што се направени во чистењето на каналите, проблем кој го лоциравме како еден од најгорливите кој со години беше присутен во населените места, а и граѓаните го лоцираа на врвот на нивните приоритети. Така ја почнавме акцијата и мораме да признаеме дека така темелно како сега не беа чистени подолго време, се разбира дека општина Струмица и порано правеше напори, каналите кои што се под нејзини ингеренции да ги исчисти, меѓутоа, ефектот секогаш беше недоволен и некомплетен затоа што поголемите канали кои не се во ингеренции на Општината секогаш остануваа недоволно исчистени и сега направивме една синхронизација со цел ефектите да бидат видливи и да можат луѓето да почувствуваат бенефит од таа акција. Оваа акција се спроведуваше во соработка со Министерството, ЈПКД „Комуналец“ и АД Водостопанство подружница „Струмичко поле“ и наши оперативни групи кои ги координираа тие работи, ефектите се очигледни и се надевам дека соработката ќе продолжи, за која сите се согласивме дека порано недостасуваше, сега веќе е еден премостен проблем кој ќе ни овозможи една поголема ефикасност и поголеми видливи резултати, рече градоначалникот Јаневски. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, струмичкиот, го посочи како добар пример кој ќе го имплементираат и во другите општини во делот на чистењето на каналите. Новиот концепт на соработка меѓу општината и АД „Водостопанство“ покажува дека на дело може да се видат резулатите. Со тоа се одговара на барањата на граѓаните и земјоделците од овој регион. Ресорното министерство е во активна соработка освен со општините и со „Водостопанство“ со цел да се помогнат и поддржат сите програми и инвестициски планови. Чистењето на каналите значи безбедно земјоделско производство во секој регион, вклучително и во Струмичкиот, како еден од најзначајните земјоделски региони во државата. Ова е еден добар пример кој ќе се потрудиме да го имплементираме и во други општини, рече Николовски. Министерот Николовски го прифати барањето на градоначалникот Коста Јаневски за финансиска помош за уредување на полските патишта. Заедно со претседателот на Владата испланирани се 30 милиони денари наменети за изградба на полски патишта. Струмица има проблеми во овој дел и верувам дека еден добар дел од одобрените средства ќе се инвестираат во Струмица, односно, преку лоцирање на тие патишта каде е потребно да се интервенира, информираше министерот Николовски и додаде дека во наредниот период приоритет ќе биде рехабилитацијата на постоечките и изградба на нови системи за наводнување.