Општина Струмица и јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ денеска се вклучија во акцијата за чистење и уредување на животната средина која што ја организира ЗЕЛС, а се спроведува во целата држава. Градоначалникот Коста Јаневски, директорот на јавното претпријатие, Зоран Горгиев, членови на Советот на општина Струмица и вработени во единицата „Чистота“ ја чистеа дивата депонија покрај патот на излезот од селото Костурино кон Валандово.
Заедничкото учество во акцијата потврди дека сите подеднакво треба да го дадеме својот придонес во заштитата на животната средина. Градоначалникот Јаневски упати апел до граѓаните на општина Струмица да се подигне еколошката свест, да не се создаваат диви депонии затоа што чиста, зелена и уредена општина се заеднички приоритет. Апелирам до сите наши сограѓани да внимаваат каде го фрлат ѓубрето и сметот. Ова ќе биде еден период во кој таквите активности ќе се следат многу внимателно и инспекциските служби ќе бидат на терен и не би сакал да доаѓаме до непријатни ситуации и да се казнуваме. Мислам дека сите заедно сме сложни и заклучуваме дека чистотата, зеленилото и уредениот град е наш приоритет. Тука ќе дадеме максимално се од себе и свесни сме дека не постои таква армија на луѓе која што би можела да го исчисти сето она што ние од друга страна можеме да го загадиме. Ова е уште една можност да се потсетиме како треба да се однесуваме кон нашата околина и нашиот град и очекувам поголема еколошка свест и самокритичност. На сите средби со граѓаните заеднички е заклучокот дека нема дилема оти ние сме тие главните и најважниот фактор во чистењето на нашата средина, рече градоначалникот Јаневски. Директорот на „Комуналец“ Зоран Горгиев најави дека акцијата за чиста Струмица ќе трае во текот на целиот месец.