Во домот на АРМ во Струмица, денеска, се одржи тркалезна маса на тема „Креирање екосистем и промоција на претприемништвото за економски развој на општина Струмица“, во рамките на проектот „Мобилизација и активизам во локалната заедница – Институционална поддршка од Фондацијата Отворено Општество Македонија, во организација на Центарот за истражувања и анализи НОВУС –Струмица, а поддржан од Фондација Отворено Општество Македонија.
На тркалезната маса на која што присуствуваше и градоначалникот Коста Јаневски, беа презентирани инвестиционите можности за создавање на квалитетен екосистем и економски развој на општина Струмица и регионот. При тоа, градоначалникот Јаневски рече дека во последната деценија општина Струмица доживеа вистинска ренесанса во поглед на локалниот економски развој, но потенцираше дека мора да се генерира уште поголем исчекор во оваа сфера и постојано со сите расположливи алатки да се унапредува економијата, не само во општината туку и пошироко во регионот. Во поглед на поддршката на младите да започнат свој бизнис во Струмица, Општината во соработка со Фондацијата Отворено општество – Македонија, беше директен поддржувач на проектот „Поддршка на старт ап бизнис за млади“, во кој од бројните апликанти беа избрани најдобрите 20 бизнис идеи од млади сограѓани, од кои пак осумте најдобри беа наградени со грант од по 3.000 евра. Ова, заедно со низа слични активности, но и континуираните ангажмани на Секторот за локален економски развој и Центарот на заедницата на општина Струмица, бројните проеки за меѓугранична соработка со општини од Република Бугарија и Република Грција и соработката и помошта на бизнис секторот, се само дел од големата слика наречена-локален економски развој на општина Струмица. Сепак, мора да се истакне, дека главниот патоказ за економскиот развој на нашата општина, се наоѓа во еден мошне важен документ кој е насловен „Стратегија за локален економски развој на општина Струмица, за периодот 2016 – 2020 година“. Оваа стратегија е изработена во соработка со сите засегнати страни и целни групи во областите на нејзиното делување, и како таква ја одразува визијата, мисијата и стратегиите на Општината во овие области. Документот ги опфаќа областите: економија и инвестиции, земјоделство и рурален развој, животна средина и енергетска ефикасност, инфраструктура и урбанистичко планирање и развој на работна сила. Според визијата на оваа стратегија, општина Струмица до 2020 година ќе биде уште поразвиена, со ползување на атрактивни инвестициони можности за натамошен забрзан развој на економијата и земјоделството но и на сите други области кои се предмет на интерес на овој стратешки документ, рече Јаневски.