Повеќе предлог – одлуки, програми и извештаи беа усвоени на денешната 13-та седница на Советот на општина Струмица. Пред советниците беа вкупно 19 точки на дневниот ред. Како што истакна и градоначалникот Коста Јаневски, буџетот се реализира во предвидените ставки и иако тој детално го образложи тој квартален извештај, јас би истакнал дека од планираните приходи во износ од 1.212.353.375 денари во буџетот за 2018 година реализирани се 448.416.194 денари со што приходниот дел на буџетот е реализиран со 37 проценти.
Приходниот дел на основниот буџет на Општината е реализиран со 32 проценти, донациите со 19 проценти, со исто толку се реализирани и самофинансирачките активности, а наменските дотации се реализирани во целост, односно, со 49 проценти. Во однос на вкупно планираните расходи во буџетот за 2018 година, реализирани се вкупно оперативни расходи од 42 проценти и реализирани капитални расходи од 19 проценти. На денешната седница се изгласа одлука за вклучување на општина Струмица во основање на бизнис иновациски центар кој ќе им користи на сите наши приватни компании, мислам дека тоа е одлична работа и се надевам дека успешно ќе функционира. Можеме да ги израдуваме граѓаните од населеното место Вељуса дека ќе се аплицира во фондови на Светска банка за изградба на фекална канализација. Ќе се реализира проект за доуредување и реконструкција на пристапна пешачка патека до Габровските водопади и улица со шеталиште во населеното место Градско Балдовци. На дневен ред беа и извештаите за работата на јавните претпријатија „Паркиралишта Струмица“ и Струмица гас“ за првите шест месеци, а се донесоа и одлуки за изградба на спортски сали во основните училишта „Сандо Масев“ во Струмица и „Маршал Тито“ во Муртино и базен во основното училиште „Никола Вапцаров“ во Струмица. Сакам да истакнам дека командирот на полициската станица Трајко Чурлинов даде извештај за состојбата со јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот на патиштата на подрачјето на општина Струмица за првите шест месеци со напомена на комисијата и на советниците дека имаме недоволен број на полициски службеници и во наредниот период бројката на овие службеници треба да порасне бидејќи на барање на граѓаните и на Советот на општина Струмица требаше пак да се воведат маалските позорникари и со тоа сметаме дека безбедноста на граѓаните на општина Струмица ќе биде поголема и еве еден апел до министерот за внатрешни работи да дадат повеќе согласности за да може оваа бројка да биде на ниво кое ќе ги задоволува потребите за безбедност на граѓаните на општина Струмица, изјави по седницата, претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски. На денешната седница на Советот беше усвоен и Извештајот од процената на штета од природна непогода од град, дожд и ветар од 7 јули 2018 година, а беше донесена и одлуката за определување на места за истакнување плакати за Референдум – 2018 во општина Струмица.