Во рамките на проектот „Jакнење на мултиетничка соработка во општините“ учениците од основното општинско училиште „Никола Вапцаров“ од Струмица, заедно со наставниците Милена Ристовска, Зоја Муканова и Лидија Настева, кои се дел од тимот за реализација на проектот, спроведоа активност – посета на националната установа „Танец” и културно – уметничкото друштво „Јени Јол“ од Скопје.
При посетата на НУ„Танец“ учениците се запознаа со формирањето, активностите и историјатот на овој реномиран македонски ансамбл, а ги посетија и просториите со народни носии кои ги користат за своите настапи и со народни и музички инструменти кои ги користи оркестарот. Учениците имаа можност и лично да се запознаат со дел од познати музичари и да присуствуваат на редовна проба на играорците во придружба на оркестарот и секако беа воодушевени од тоа што го видоа притоа потсетувајќи се на прекрасни народни ора, но и од професионалното работење на играорците. Учениците се дружеа, поставуваа прашања и фотографираа. Прекрасната дружба меѓу учениците продолжи со посета на КУД „Јени Јол“-Скопје, каде што учениците ги разгледаа просториите во кои играорците ги реализираат своите проби, просторијата со турски народни инструменти и сите награди и признанија кои ова друштво ги има освоено во текот на своето постоење. Учениците го посетија и државното основно училиште „Тефејуз“ кое изведува настава на турски јазик. Љубезно пречекани го разгледаа училиштето, кабинетите, библиотеките и беа запознати со начинот на изведување на наставата. Средбата заврши со договор за идна соработка помеѓу двете училишта. Како продукт од посетите беше албумот со фотографии што го креираа учениците.