Ликовните уметници ги разубавија објектите на Пречистителната станица

На пречистителната станица во Струмица, денеска, се одржа промотивен настан на културно-уметничкиот проект „Уметност и вода – магија на животот“ имплементиран од Здружението за третман на води на Северна Македонија, финансиран од Европската Унија, а поддржан од општина Струмица. Објектите на станицата се разубавени со мурали изработени од уметниците Ване Костуранов, Драган-Драш Китановски, Марјан Димиќ, Филип Конески и Блаже Атанасков, а беа изложени и делата на учениците од основните училишта од Струмица создавани на тема „Нацртај ја водата“.

На промотивниот настан присуствуваа амбасадарот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, градоначалникот, Коста Јаневски, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, градоначалници од регионот и други гости кои уживаа во новиот изглед на Пречистителната станица. Поздравувајќи ги градоначалникот Јаневски рече дека уметноста уште еднаш ја потврди својата големина и моќ на обединување и испраќање силни пораки за глобални акции. Посебно сакам да ги поздравам  уметниците кои на бетонските површини им дадоа нов лик и на учениците од основните училишта во општина Струмица кои преку нивните дела покажаа, а нас, возрасните, не потсетија за нашата одговорност, за значењето на водата, како еден од основните природни ресурси. Како Општина на која што заштитата на животната средина во овој современ начин на живеење и е приоритет,  без двоумење ја прифативме партнерската понуда на Здружението за третман на води на Северна Македонија за реализација на културно – уметничкиот проект „Уметност и вода – Магија на животот“, финансиран од Европската Унија. И денеска сме навистина горди на делата од овој проект, рече градоначалникот Јаневски. Евроамбасадорот Жбогар во обраќањето истакна дека водата треба да се користи внимателно во време кога ја има се помалку во светот. За да ја издвоиме оваа фабрика од обичните одлучивме да ги обоиме ѕидовите. Овие прекрасни илустрации покажуваат што прави фабриката и колку е важно да ја одржуваме околината чиста. Од се срце сака да им се заблагодарам на петте извонредни уметници, кои ни помогнаа да ја раскажеме оваа приказна, истакна амбасадорот Жбогар кој на училиштата од Струмица им врачи благодарници за учеството во изложбата. Целта на денешниот промотивен настан е подигање на јавната свест за значењето на заштитата на водата и потенцирање на неопходната потреба од решавање на проблемот со отпадните води во нашата држава.