Одбележана седумгодишнината од големиот пожар во месноста „Двата пата“

Денеска беше одбележана 7-годишнината од големиот пожар во месноста „Двата пата“ во која што животите ги загубија браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од Рич, Војо Гркљанов од Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица. Во знак на почит кон нивното херојско дело, пред Споменикот подигнат во нивна чест, цвеќе положи градоначалникот Коста Јаневски, кој во своето обраќање рече дека нивните имиња ќе останат засекогаш врежани во нашите тажни сеќавања, како симбол на човековата храброст.

Беше 23. јули 2012 година, сосема обичен ден кој со ништо не навестуваше дека ќе ја завие Струмица во црно. Одеднаш струмичани забележаа како од ридот над градот се издигнува навидум безопасен чад. А кај што има чад има и оган. Тој оган потпомогнат од силен ветар стана голем оган кој „голташе“ се пред себе, заканувајќи се да ја зафати и периферијата од градот. Таквата опасност беше причина, во локализирањето и гаснењето на пожарот да се вклучат надлежните служби но и граѓани загрижени за безбедноста на Струмица. Храброста и беспоштедната борба со пламените јазици, за жал беше платена со четири жртви и десеттина повредени. Се случи трагедијата каква што нашиот град не памети. Имињата на браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од Рич, Војо Гркљанов од Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица, ќе останат засекогаш врежани во нашите тажни сеќавања, како симбол на човековата храброст. Тие, и покрај прераното заминување од овој свет, остануваат бесмртни во струмичкиот споменар, рече градоначалникот Јаневски.