Јаневски:Влијанието на НАТО врз политиката, безбедносната состојба и економијата е огромна

Во домот на АРМ синоќа се одржа панел дискусија насловена „Македонската бизнис заедница партнер на НАТО“ во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции. Целта на настанот кој што беше од отворен тип и на кој што учествуваа бизнисмени, граѓани и претставници на институции и граѓански организации, беше да се поттикне аргументирана дебата за придобивките од евроатлантските интеграции и зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО.

На дебатата учествуваа министерот за економија, Крешник Бектеши, амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец и градоначалникот Коста Јаневски. Зборувајќи за НАТО придобивките, Јаневски потенцираше дека влијанието на НАТО врз политиката, безбедносната состојба и економијата е огромно. Едно е повеќе од сигурно, а тоа е дека пред нашава земја и пред македонската бизнис заедница се наоѓа голем предизвик. Тој предизвик треба да се прифати и соодветно да се дејствува. Располагаме со производи и услуги кои можат да бидат мошне респектабилни за потребите на големиот НАТО-пазар, што само по себе би значело подигање на македонската индустрија и другите стопански гранки. Од друга страна, пред македонските компании, вклучително и пред оние од Струмица и струмичкиот регион, исправена е можноста за осовременување на своите постоечки капацитети, стремежи за достигнување на повисоки стандарди и подобар квалитет, создавање на сопствени НАТО-брендови, како и преземање на дополнителна улога за модернизација и опремување на армиите на земјите членки на НАТО. Влијанието на НАТО врз политиката, безбедносната состојба и економијата е огромна. На потег сме сите ние. На потег се и стопанствениците кои треба да ја искористат шансата да напредуваат во својот бизнис и со тоа да придонесуваат во растежот на македонската економија и зголемувањето на животниот стандард на граѓаните, рече градоначалникот Јаневски.