Вработените во работната единица „Зеленило“ при јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, денеска, го уредуваа цветниот остров во новото катче на градскиот парк пред домот на АРМ. На оваа површина засадени се околу 500 садници од цвеќињата тагетес (турски каранфил) и салвија (пожарче).
Со овој цветен остров и целосно е комплетирано дополнителното уредување на овој простор во големиот градски парк на површина од 11 илјади метри квадратни. Покрај новата тревна површина, направени се патеки на површина од 500 метри квадратни, а поставени се клупи, корпи за отпадоци и канделабри.
Уредувањето го реализираа општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ и со овој зафат граѓаните добија уште едно прекрасно место за одмор и прошетка, посебно, во летниот период кога и фреквенцијата на луѓе во паркот е најголема.