Синоќа, во предвечерието на големиот празник, денот на заштитниците на Струмица – Светите петнаесет тивериополски свештеномаченици, се одржаа две изложби и тоа Изложба на тема: Човекот во праисториските и историските епохи во Македонија и Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници.
Националната установа Завод и Музеј беше домаќин на изложбата на тема “Човекот во праисториските и историските епохи во Македонија”, a во Националната установа Центар за култура, традиционално, ден пред празникот Св. 15 Тивериополски свештеномаченици, Друштвото на ликовни уметници ја одржа годишната изложба.
Преку 40-те ликовни креации на Македонка Хаџитосева, Снежана Илиева, Каролина Бурн-Божинова, Љупка Галонска-Василева, Ѓорѓи Божинов, Глигор Беќаров, Драги Бусев, Костадин Устапетров, Панче Ѓоргиев, Живко Велковски, Марјан Ѕин, Милан Миланов, Марјан Пецев-Захов, Митко Секулов и Ѕвонко Тилев, се изложени во фоајето при НУЦК Антон Панов.
Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев во своето обраќање по повод Годишната изложба на друштвото на ликовни уметници рече:
“Друштвото на ликовните уметници на Струмица и вечерва покажува и докажува дека нашиот град покрај другите го заслужува и епитетот – град на уметноста. Вечерва на показ имаме повеќе различности и особености кои сепак функционираат во еден ликовен букет, како извонреден приказ за творечките достигнувања на оние чии дела ја сочинуваат оваа изложба. Сведоци сме дека тие различности ја отсликуваат убавината на миговното доживување. Не може, а да не забележиме дека вечерва свои дела изложуваат ликовни творци од различни генерации, дека различен е нивниот пристап кон творечкиот чин, различни се ликовните дисциплини присутни на изложбава, различни се и мотивските предизвици на нивниот творечки ангажман … различно е ова, различно е она, иста е само љубовта кон уметноста и заедничката решеност да се биде верен на традицијата. Таква е веројатно состојбата и со нас – љубителите на ликовното творештво. И ние сме различни со нашето поемање за ликовната уметност и според нашите естетски критериуми за ликовните дела, но заеднички сме тука да им ја укажеме почитта на 15-те ликовни творци кои вечерва заедно со нас ја празнуваат уметноста во чест на утрешното празнување.