Приоритетна развојна цел во секторот за заштита на животната средина, во агломерацијата Струмица, претставува третманот на отпадните води од градот Струмица и околните села: Баница, Добрејци, Градско Балдовци, Сачево, Дабиле, Муртино, Просениково и индустриските зони кои гравитираат околу Струмица (Зона Север, Сачево и зоната околу Агрокор).Изградба на станица за прочистување на отпадни води во согласност со националното и законодавството на Европската унија е приоритет, што ќе доведе до подобрување на состојбите со медиумите на животната средина.
Со третманот на отпадните води ќе се постигне исполнување на барањата поврзани со пристапување на земјата кон ЕУ и обврските за почитување на препораките преку исполнување на директивите на Европската унија.За таа цел општина Струмица пристапи кон изведба на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води во Општина Струмица“. Минатата недела, градоначалникот Зоран Заев го издаде и потпиша одобрението за градба на објектот.Проектот е финансиран преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) – Компонента III – регионален развој, во соработка со Секторот за Европска Унија при Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и договарање при Министерството за финансии на Република Македонија. Буџетот на проектот е 6.581.787,00 евра. Таа цена се постигна по пат на тендерирање кое што го спроведе Европската унија со претставници на општина Струмица, од обезбедени 9.800.000,00 евра добивме понуда од 6.581.787,00 евра. Објектот ќе се гради на површина од 55.000 метри квадратни и е предвиден да опслужува 53.419 жители, горе спомнатите населени места, индустриски зони и градот Струмица. Во фазата на подготовката на техничката документација, општина Струмица активно соработуваше со Меѓународната консултантска компанија NIRAS обезбедувајќи ја целокупната административна подршка. Објектот го гради германската компанијата WTE Wassertechnick GmnH во конзорциум со домашната Вардарградба ДОО, а за надзорот е задолжен меѓународниот конзорциум Rutex-Garnets. Општина Струмица од сопствени средства од буџетот учествува во кофинансирање на Проектот со финансирање на експропријацијата на земјиштето, изведбата на водоводната линија, финансирање на ревизијата на основниот проект и проектот за колекторскиот систем, отстранување на еден од постојните објекти кој не се вклопи во новиот дизајн на објектот, изработка на сите потребни геодетски елаборати како и со целокупниот ангажман на вработени во општинската администрацијата и ЈПКД „Комуналец“ во подготовка на техничката документација на проектот. Ние го финансиравме проектот за студијата за животната средина и проектот за физибилити студијата од наши сопствени буџетски средства. Како резултат на сиот овој труд, пред два дена, имав задоволство да го издадам и потпишам Одобрението за градба на објектот Пречистителна станица во општина Струмица, исклучително со грант од ЕУ. Согласно строгите ИПА процедури, објектот на Пречистителната станица за отпадни води во Струмица треба да биде готов до 21.Октомври 2017 година, рече градоначалникот Заев.