Денес во хотелот „Сириус“ се одржа завршната работилница за проект „Подготовка на студии(ФС, ЕИА, ЦБА), проектна документација и тендерска документација за инвестициски проект за собирање и третман на отпадни води во Струмица (Пречистителна станица)” со референтен број EUROPEAID /133257/D/SER/MK, проект финансиран од Европската Унија,
имплементиран од НИРАС и Конзорциум, министерството за животна средина и просторно планирање, министерството за финансии, делегацијата на ЕУ во Македонија, општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ од Струмица. Координатор на проектните активности од општина Струмица е Одделението за локален економски развој.На оваа завршна работилница членовите на проектниот тим го презентираа целосниот развој на проектот, односно, дефинирање на Агломерација за Струмица, SWOT анализа за агломерација, изработка на Мастер план, изработка на Физибилити студија со анализа на опции на третман на отпадни води, извештајот за Стратегиската оцена на животната средина и јавната расправа за животната средина, извештај за оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа за истата, идеен проект за избраната опција за третман на отпадните води, тендерско досие за изведба на Пречистителна станица за отпадни води, хидрауличниот модел, сите топографски геолошки и хидрогеолошки истражни работи, извештајот за Мерења на проток и два состанока со ЈАСПЕРС за разгледување на проектот и одобрување од нивна страна и системи за видео надзор и инспекција на канализационата мрежа.Комплетната документација за проектот е подготвена од страна на НИРАС и Конзорциум во постојана соработка со претставниците на Управниот одбор од општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ и одобрена од министерство за животна средина и просторно планирање, а во моментот е во фаза на одобрување од страна на делегацијата на ЕУ, по што ќе следува објавување на тендерската постапка за изведба на Пречистителната станица за отпадни води во Струмица, чија изградба е планирана да заврши до крајот на 2017. Исто така на денешната работилница беше презентиран и Хидрауличниот модел на канализациона мрежа на град Струмица со сите детали што ги претставува моделот. Извршена е и проценка на моменталната состојба на капацитетот на канализациониот систем во градот Струмица, со препораки и бенефициите од хидрауличниот модел.На состанокот покрај консултантите од НИРАС и Конзорциум, присуствуваа и консултанти ангажирани од нивна страна за изработка на хидрауличниот модел, претставници од општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ и други заинтересирани страни. Целосната документација за проектот, имено, студиите и извештаите се транспарентни за јавноста и редовно се објавуваат на веб страниците на општина Струмица и на министерството за животна средина и просторно планирање и се на увид на граѓаните. Овој проект е од огромно значење за општина Струмица и населените места и со изградбата на Пречистителната станица ќе се надмине проблемот со третманот на отпадни води во општина Струмица.