Локалниот економско социјален совет на општина Струмица, денеска, одржа работен состанок, на кој главна тема беше изработката на Стратегија за локален економски развој на општината за периодот 2016 – 2020 година. На состанокот присуствуваа членови на Советот на општина Струмица, претставници на општинската администрација, јавните претпријатија, бизнис заедницата и невладиниот сектор.
Општина Струмица и денеска е исправена пред нов предизвик. На иницијатива на Локалниот економско социјален совет, а во рамките на редовните работни обврски, се одржува работен состанок на кој што се поканети сите релевантни актери во локалната заедница да разговараат и да започнат еден процес за креирање нова Стратегија за локален економски развој за периодот 2016 – 2020 година, со една единствена цел да го подобрат и унапредат развојот на општина Струмица создавајќи нови можности и перспективи за граѓаните на општина Струмица. Оваа активност на Секторот за локален економски развој и заштита на животната средина при општина Струмица, финансиски е поддржана од проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување вештини при вработувањето (ЈЕС мрежа)“, заради што цврсто верувам дека сите присутни тука заедно со граѓаните ќе ги стават на располагање сите свои знаења и капацитети да искреираат еден здрав, содржаен стратешки документ кој ќе биде реално остварлив и кој ќе значи потврда дека општина Струмица и натаму останува една од најразвиените општини во државата, а со тоа го задржува и приматот за најпосакувано место за живеење, рече Тони Милушев претседавач на Локалниот економско социјален совет на општина Струмица.