Во салата на Советот на општина Струмица, денеска, беше промовиран Водич низ услугите и постапките на општина Струмица. Овој Водич се реализираше како последна активност на Центарот на заедницата на општина Струмица за 2016 година, а беше изработен со цел полесно снаоѓање низ администрацијата на општина Струмица и разбирање на општинските услуги, како и намалување на бирократските процеси.
Според вршителот на должноста градоначалник, Костадин Костадинов, кој имаше поздравно обраќање на промоцијата, општина Струмица, по заслуга на доскорешниот градоначалник Зоран Заев и на целокупната општинска администрација, беше и останува пример во Република Македонија, како на најдобар можен начин да биде во служба на граѓаните, и како своето работење, во тој поглед , континуирано да го унапредува.Како прва Општина во државата која ја имплементираше меѓународната ИСО стандардизација во работењето, но и со редица други ангажмани кои беа во функција на задоволување на потребите и барањата на граѓаните, Општина Струмица се здоби со бројни награди од релевантни и реномирани домашни и меѓународни организации, кои беа вистинска валоризација на едно успешно работење. Но колку и да е добро, секогаш мора да се стремиме да биде подобро, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат од нас, бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат. Ни во еден момент не смееме да заборавиме дека единицата на локалната самоуправа и сите ние како нејзини чинители, постоиме за граѓаните, а не граѓаните за нас. Ако веќе констатиравме дека мора да го креираме работењето на тој начин што доброто ќе го направиме уште подобро, тогаш со задоволство можам да кажам, дека денес се прави уште еден значаен исчекор во тој поглед.Тој исчекор се вика „Водич низ услугите и постапките на општина Струмица“. Задоволство ми е што сум дел од денешнава промоција на овој водич, за кој најзаслужни се младите, инвентивни и исполнителни луѓе од „Центарот на заедницата на општина Струмица“. Ја користам оваа убава можност да им честитам на вложениот труд кој резултира со нешто, кое е од исклучителна важност и мошне корисно за граѓаните од нашата општина. Она што притоа мора да се спомене, е дека овој „Водич низ услугите и постапките на Општина Струмица“, всушност е финален производ на последната проектна активност на „Центарот на заедницата на општина Струмица“ за 2016 година.Дека овој водич е одличен прирачник за сите граѓани од општина Струмица, сведочи фактот дека тој ги содржи сите важни информации кои ним им се потребни, во поглед на поефикасното аплицирање и добивање услуги, кои што ги обезбедува Единицата на локалната самоуправа. Според информациите што ги имам добиено од луѓето од „Центарот на заедницата на општина Струмица“ кои работеа на овој водич, ползувани се неопходните нешта кои ги предвидува постоечката законска регулатива, а се користени и материјали, како што се прирачници и водичи од нашава земја, како и стручни мислења на разни експерти од областите блиски до материјата која била предмет на интерес. Во процесот на изработката на водичот, драгоцена била и извонредната соработка со раководителите и вработените во сите сектори и одделенија на општина Струмица, како и со структурите на Јавните претпријатија и општинските институции и служби. Таквата соработка, несомнено била во функција на изработка на поквалитетен информативен материјал за граѓаните на општина Струмица.На тој начин, концептот „Општина по мерка на граѓаните“ кој се реализираше во партнерска соработка на Фондацијата Отворено општество – Македонија и општина Струмица, во чии рамки е спроведена и оваа активност, уште еднаш ја оправда целта на постоењето. Сето тоа е во контекст на Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор, вклучување на младите едуцирани кадри во граѓанскиот сектор, промоција на можностите за преземање на дел од надлежностите од страна на граѓанскиот сектор, обезбедување локална платформа за граѓанските организации од јавен интерес и делегирање на услуги од надлежност на Општината, рече Костадинов.