На градските гробишта во Струмица се спроведуваат големи градежни активности за уредување на инфраструктурата, се бетонираат главните и пристапните патеки. Истовремено, се работи и на изведба на санитарниот јазол во новиот дел на гробиштата. Според, Костадин Виранов, раководител на работната единица „Погребни дејности“ при ЈПКД „Комуналец“ овие градежни активности треба да завршат до крајот на август.
Овие активности ги спроведуваме со цел да се овозможи полесно одржување и поголема чистота на гробиштата, а граѓаните да имаат подобар пристап до вечните почивалишта на своите починати. Во текот на досегашните активности, се поставени рабници во должина од 500 метри, се бетонирани патеки на површина од 500 метри квадратни. Планирано е бетонирањето на патеките да заврши до крајот на август, секако, ако дозволат временските услови. Вкупната површина на патеките кои ќе бидат бетонирани изнесува 1.000 метри квадратни. Ги молиме граѓаните за разбирање, да го почитуваат редот во гробиштата и отпадот да го оставаат во корпите за отпадоци за да можат непречено да се одвиваат активностите, рече Виранов.
Паралелни со новите парцели, на градските гробишта се проширува и водоводната структура. Досега се поставени 30 чешми.