Општина Струмица има најголема транспарентност во финансиските трансфери до невладините организации за 2016 година, ова го покажале резултатите од истражувањето што го спроведе Центарот за граѓански комуникации во периодот ноември 2016 – април 2017 година.Со ова истражување, за прв пат во Македонија, на едно место се претставени сумарни и поединечни податоци за средствата доделени од општините на невладините организации, листата на добитниците на проектите, како и транспарентноста на целиот процес од објавувањето оглас до реализацијата на проектите.
Во истражувањето се опфатени сите 80 општини и градот Скопје, а неговата цел е да ги мапира карактеристиките на процесот на финансирање на невладините организации од буџетската линија 463, да се утврди нивото на транспарентност и отчетност на општините, да се согледаат проблемите и слабостите во процесот, како и да се дефинираат препораки за подобрување на веќе востановените практики.Со цел да се утврди нивото на транспарентност и отчетност на општините во доделувањето на средствата од буџетската линија 463, од општините беа побарани документи за објавениот јавен повик за доделување средства; за процедурата, критериумите за евалуација и начинот на избор на добитниците на средства;за донесената одлука за распределба на финансиските средства; правила за реализација на добиената поддршка (обврска за доставување на извештаи за реализацијата – наративни и финансиски); за јавното објавување на имињата на НВО и паричниот износ што им е доделен и документи или електронски линк за извештај/и за реализираните проекти. Врз основа на добиената документација, изготвен е приказ на нивото на транспарентност на општините во однос на сите фази од финансирањето од буџетската линија 463. Единствена од сите општини и градот Скопје, општина Струмица ги поседувала и доставила сите побарани документи и дала потврдни одговори. Струмица е и единствената општина која ја има практиката за отчетност и која во прилог на побараната документација доставила публикација „Грантирани проекти од Општина Струмица“ изработена од Центарот на Заедницата на општина Струмица за 2015 година.