Во трите училишта за средно образование во општина Струмица, во првиот ден од првото пријавување во јунскиот уписен рок за новата 2017/2018 година, пријави поднеле 751 ученик. Најголем интерес покажале за здравствената струка-медицинска сестра, каде за 34 понудени места, конкурирале 82 ученика со завршено основно образование.
Голем интерес има и за гимназиското образование за наставниот план од природно-математичко подрачје, како и за стручното образование за наставните програми од сообраќајната струка. Најмал интерес има за тригодишното образование, каде или се пријавени мал број ученици, или воопшто нема пријавени. Така, во хемиско-технолошката струка, за наставната програма пекар со тригодишно траење, се пријавиле 4 ученика, а во земјоделско-ветеринарната струка, за наставната програма поледелец со тригодишно траење, не се пријавил ниту еден ученик.Денес е вториот ден од поднесувањето на пријавите со потребната документација, така да според утврдените рокови, слободните места за второто пријавување ќе бидат објавени на 30 јуни, а второто пријавување од јунскиот уписен рок ќе се врши на 5 јули.