Вечерва со почеток во 20 часот во големата сала на домот на АРМ ќе се одржи традиционалната манифестација „Избор на најдобрите спортски екипи и спортисти на Струмица за 2015 година“. Манифестацијата се организира под покровителство на градоначалникот Зоран Заев и Советот на општина Струмица, во соработка со спортските новинари и спортските работници од Струмица, а во техничка организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт на Струмица.
На оваа традиционална годишна спортска манифестација, ќе бидат прогласени најдобрите спортисти и спортски екипи за 2015 година, во следните категории:
1. Најдобар спортист во млади категории;
2. Најдобра спортска екипа во млади категории;
3. Најдобар тренер во млади категории;
4. Најдобар тренер во сениорска конкуренција;
5. Најдобра сениорска спортска екипа;
6. Најдобар спортист во сениорска конкуренција;
Покрај прогласувањето на најдобрите и најуспешните спортисти и спортски екипи на Струмица за 2015 година, на манифестацијата ќе им бидат доделени плакети на спортски клубови и друштва кои во 2015 година прославуваа годишни јубилеи, како и на спортисти-интернационалци од Струмица, кои настапуваат за странски клубови и како репрезентативци на Македонија го афирмирале македонскиот спорт, а со тоа и струмичкиот спорт на меѓународна сцена.