Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, денеска, во својот кабинет организираше прием за музичката струмичка ѕвезда Трајче Ѓоргиев и претставници на приватното средно училиште „Јахја Кемал“. Трајче Ѓоргиев во силна конкуренција и меѓу учесници од повеќе држави го освои златниот медал на Турската олимпијада 2017 – интернационален фестивал на јазик и култура, со песната „Не можам да те заборавам“ која ја изведе на турски јазик.
Како голем поддржувач на младите и талентирани струмичани, Костадинов му упати искрени честитки на Ѓоргиев за постигнатиот успех потенцирајќи дека тој лично како градоначалник и општина Струмица секогаш ќе ги поддржуваат и поттикнуваат младите во реализацијата на нивните цели бидејќи тие со своите успеси се гордост на Струмица и во најдобро светло ја претставуваат надвор од државата.На денешната средба, Костадинов и претставниците на приватното средно училиште„Јахја Кемал“ разговараа за соработката меѓу ова училиште и општина Струмица. Претставниците од „Јахја Кемал“ упатија голема благодарност до Општината за досегашната соработка и поддршка, а градоначалникот Костадинов, нагласи дека таа ќе продолжи и понатаму на обострано задоволство.