Со свечена програма која што се одржа пред Споменикот на Револуцијата во градскиот парк, денеска, беше одбележана 73 – годишнината од ослободувањето на Струмица. Пред присутните гости и почитувачи на овој Ден, за значењето на празникот зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Има ли поубаво нешто од сознанието дека градот во кој си роден и во кој живееш,, градот во кој си растел, градот на твоето вчера, денес и утре, и градот кој го сакаш неизмерно , одбележува 73 години од својата прва слободарска мугра. Точно 26.663 слободарски сонца ја огреале Струмица, од оној 11. Септември 1944 година, па се до денот денешен. Нека вечно царува мудроста и слободарскиот дух кај луѓето, та да даде Господ уште илјада пати по толку мугри да доживее градот под Царевите кули, како и сите негови жители што ќе се родат под ѕвезденото струмичко небо, во годините и вековите кои се пред нас. СЛОБОДА, тоа не е само обичен збор напишан на хартија или едноставно изговорен. СЛОБОДА е нешто многу повеќе од тоа. Тоа е нешто што треба да се чува како најголемо и најдрагоцено богатство. Струмица и струмичани треба да бидат среќни што ја имаат таа слобода цели седум децении и три година одозгора. Но Струмица и струмичани треба да знаат и дека таа слобода не паднала од небо, ниту пак некој туку така ни ја подарил. Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои велат дека таа слобода во наше име некои ја извојувале, со непокор, верба, љубов и пролеана крв. 73 Години слободна Струмица, тоа значи 73 години – надградба на традиционалните вредности, 73 години – надеж и стремеж кон подобро, поубаво и посреќно утре, 73 години – прогрес и растеж, и конечно 73 години – љубов и верност помеѓу Струмица и струмичани. Сето тоа е убава основа за влез во иднината. Сето тоа е поучно четиво кое треба да се повторува. Сето тоа е убаво парче од мозаикот на севкупното постоење на овој град. 11.Септември е ден кој мора да се почитува, негува и чествува. 11 Септември е празник достоен за празнување. 11 Септември е јазол кој цврсто ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. Секое од овие три нешта не може да постои само за себе. Овие три нешта мора да живеат во симбиоза, како што живеат трите збора кои започнуваат на истата буква – СТРУМИЦА, СЕПТЕМВРИ и СЛОБОДА, рече Костадинов. Во чест на празникот беше изведен мал митинг на револуционерна поезија во изведба на членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“, положено свежо цвеќе, а беше засадено и дрвце на другарувањето во алејата на младите во градскиот парк. Инаку, одбележувањето на празникот, денеска, започна со турнир во мал фудбал за средните училишта, ќе продолжи вечерва во 20 часот во изложбениот салон на центарот за култура „Антон Панов“ со отворањето на изложбата на дела од 54-та меѓународна струмичка колонија, а ќе заврши утре со турнирот во мал фудбал за основните училишта.