Општина Струмица со сите ресурси кои што ги има на располагање е максимално вклучена во спроведувањето на мерките на Владата на Република Северна Македонија, но и презеде дополнителни мерки за спречување на ширењето на корона вирусот. Секојдневно ја следиме состојбата, одржуваме координативни состаноци со претставниците на општинските јавни претпријатија, институции и организации и ги утврдуваме мерките за коишто сметаме дека превентивно ќе делуваат, рече градоначалникот Коста Јаневски на денешната прес конференција.
Формирани се мобилни тимови од волонтери коишто сами се пријавија во Општината и волонтери од Општинскиот Црвен крст за достава на прехранбени производи, лекови, средства за лична хигиена и други продукти на стари лица, хронично болни и лица со попречености, а со цел нивна заштита од потенцијалниот ризик истите да се заразат од Covid 19. Тие веќе се на терен и ја спроведуваат оваа мерка.
-Вчера уште во раните утрински часови е извршена дезинфекција со машини и рачно на плоштадот, поголемите јавни површини, најфреквентните улици и целата урбана опрема. Дезинфекцијата продолжува и не само во градот туку и во сите населени места, а ја вршат ЈПКД „Комуналец“ и Противпожарната единица.
-Во тек е дезинфекција на сите основни и средни училишта и на сите клонови на градинката „Детска радост“ како и на административните простории на општина Струмица.
-Ќе се изврши дезинфекција на Домот на АРМ и големата сала ќе биде подготвена и ставена на располагање на здравствените институции доколку постои потреба за тоа.
-Се вршат засилени инспекциски контроли за сузбивање на дивите продавачи кои продаваат на јавни површини, а се потенцијален ризик за здравјето на граѓаните
-Следејќа ја актуелната состојба со мојот тим ги утврдуваме економските мерки кои би ги презела Општината, а би биле во насока на ублажување на последиците врз реалниот сектор, секако во рамките на нејзините можности и ингеренции, а кои дополнително ќе бидат презентирани.
Ова се мерките коишто засега ги спроведува општина Струмица. Ќе ја следиме состојбата и понатаму и во зависност од неа ќе ги надополнуваме превентивните мерки за заштита на здравјето на нашите граѓани.
-Дозволете во оваа ситуација кога училиштата не работат, а децата, односно, нивното ментално и физичко здравје се наш приоритет, да ги повикам сите ученици да ја користат платформата за онлајн предавањата на веб страницата на Министерството за образование и наука и преку проектот „ТВ училница“ кој се емитува на Македонската радио телевизија секој работен ден во 10,30 часот. Апелирам до наставниците, учениците и родителите да ги користат овие платформи.
-Истовремено, апелирам до сите граѓани сериозно да ги почитуваат и следат мерките на Владата на Република Северна Македонија, да останат во своите домови за да ги избегнат и најмалите ризици за да го заштитат сопственото, здравјето на најблиските и на своите сограѓани. Да покажеме поголема свест и одговорност затоа што јавното здравје зависи од сите нас.
-Јас сум градоначалник, но и лекар по професија, за кого здравјето на граѓаните ми е пред се. Следејќи ја актуелната состојба подготвен сум и стојам на располагање на здравствените институции како лекар доколку за тоа има потреба, бидејќи така ќе го дадам мојот најголем влог во заштитата на здравјето на моите сограѓани.
Здравјето пред и над се. Тоа е нашето најголемо богатство.
Здравјето пред и над се. Тоа е нашето најголемо богатство.