И во второто полугодие овошје за секое дете во сите основни училишта

И во второто полугодие овошје за секое дете во сите основни училишта

Проектот „Здрав оброк за секое дете“ продолжува и второто полугодие од оваа учебна година. Започна да се спроведува во октомври минатата година и со него се опфатени околу 5 илјади ученици од прво до деветто одделение во сите основни општински училишта кои секој работен ден за ужинка добиваат овошје. Градоначалникот Коста Јаневски, кој што е и иницијатор на проектот, а чија цел е создавање здрави навики во исхраната уште од најрана возраст, денеска, ги посети учениците во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во населеното место Дабиле.

“>http://

Овој проект се покажа како успешен, односно, ја исполни очекуваната цел, а тоа е да создадеме кај најмладите генерации, учениците, навики за здрава исхрана и здрав однос кон своето тело и животот воопшто понатаму. Јас длабоко верувам дека ова ќе остане како еден печат во нивната колективна меморија за грижата на повозрасните кон нивното здравје и онаа едукативна компонента којашто треба да ги води и понатаму во животот, секако, значајна улога тука имаат и родителите и наставниците кои треба овој проект да го поддржат и понатаму да го продолжат. Ново е тоа што понудивме разновидност во овошјето, додаваме и некое сезонско овошје кои што може да се транспортира и да биде корисно, а кое освен симболиката на здрав живот има и  нутритивна вредност. Јас мислам дека е одличен проект и ќе се заложиме сите заедно тој проект да продолжи и понатаму, рече градоначалникот Јаневски. Учениците денеска уживаа во бананите потврдувајќи ја оправданоста на овој проект којшто е финансиран од буџетот на општина Струмица.