Денес во посета на Општина Струмица претстојуваше Н.Е. Казуја Оцука – Амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија. Целта на посетата беше потпишување Грант договор за доделување ултразвучен дијагностички апарат на ЈЗУ „Општа болница“ – Струмица. Договорот го потпишаа јапонскиот амбасадор, господинот Казуја, и директорката на ЈЗУ „Општа болница“ Катерина Кузмановска.
На свеченоста, покрај потписниците на договорот, од името на Општина Струмица, свое обраќање имаше и заменик градоначалникот Елена Магеровска Паликарова, која меѓу другото истакна: „Ја користам оваа прекрасна можност, од името на Општина Струмица, на пријателска Јапонија, на јапонската Амбасада во Северна Македонија и на Неговата Екселенција, Господинот Казуја Оцука, да им се заблагодарам на оваа прва поддршка од GGP – програмата за мали проекти за основни потреби и човекова безбедност. Овој 4D ултразвучен апарат, наменет за Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ „Општа болница“- Струмица, несомнено ќе биде од огромно значење за унапредувањето на квалитетот на здравствените услуги во општината и Југоисточниот регион.
Оваа јавна благодарност ја искажувам и од името на сите струмички граѓани, посебно од името на идните родилки, кои не ќе мораат за одредени дијагностички испитувања да патуваат за Скопје. “
По свеченото потпишување на договорот, амбасадорот Казуја ја посети и ЈЗУ „Општа болница“ – Струмица.



