Аерозагадувањето тема на заедничкиот состанок на градоначалникот и општинските претставници со претставник од здружението „Здрава котлина“

Аерозагадувањето тема на заедничкиот состанок на градоначалникот и општинските претставници со претставник од здружението „Здрава котлина“

Градоначалникот Костадин Костадинов и претставници од надлежните одделенија на општина Струмица одржаа состанок со претставник од здружението „Здрава котлина“ на којшто се разгледуваше актуелната состојба со аерозагадувањето, причините и мерките кои досега се преземени, но и што треба да се направи за да се надмине проблемот со загадувањето во општина Струмица.

Градоначалникот Костадинов отворајќи го состанокот потенцираше дека општина Струмица и досега, но и понатаму продолжува да работи, да носи и реализира мерки коишто се во нејзина можност и нејзини ингеренции, но и да иницира предлози до централната власт. Тој додаде дека најголем дел од обврските се исполнети, но не беа јавно објавени бидејќи се дел од секојдневното работење на Општината.

По дискусијата во којашто беа опфатени повеќе аспекти на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина во Струмица, беа донесени конкретни заклучоци:

-Општината го обновува повикот за изработка на зелен катастар со впишување на секое дрво во систем

-Општината со свој буџет започнува да гради мрежа на индикативни мерни станици во градот оваа година со 6 индикатори за ПМ2,5 поставени на определени точки во градот

-Сите дозволи на фирмите со интегрирана Б категорија и елаборатите за заштита на животна средина се објавуваат на едно место на ВЕБ-страната на Општината, а увид  се врши во просториите на Општината

-Пуштаме дрон со термална камера и се е видливо за сите

-Општината подготвува катастар на загадувачи кој ќе биде објавен во месец мај

-Доставуваме решенија до сите фирми со производствен погон за вградување на филтри и дека доколку не биде тоа реализирано казните се движат од 9. 000 до 100. 000 илјади евра

-Јавно да се објавуваат увозниците на отпад во Струмица

-Забрана за движење на тешки товарни возила низ централното градско подрачје во текот на денот, освен во утринските часови кога има дотур на стока

-Со проектот Safe City во комуникација со МВР поставуваме камери низ цела критична инфраструктура во градот

-Започнување на традиционална акција за засадување на дрвја

На состанокот, градоначалникот Костадинов рече дека во целата ситуација е потребно да се иницираат и измени на законот, а го спомна и проблемот со недонесувањето на Генералниот урбанистички план кој се уште не го потпишуваат од Министерството за транспорт и врски и дека со тој потпис ќе ги нема и Еленица и Огражден и дека од Еленица бараат да го видат Генералниот убранистички план и дека самите сакаат да прекинат со работа. Тој го потенцираше и проблемот со невратените 69 милиони денари ДДВ од државата на јавното претпријатие Струмица – Транспорт кои би го олесниле функционирањето на претпријатието, а додаде дека субвенционирањето на индустриските капацитети е тешко изводливо и повика на воведување на зелен данок со цел финансирање на заштита на животната средина. Градоначалникот рече и дека мора да биде намалено ДДВ-то на гасот кое не смее да биде 18% во споредба со пелетите од 5%.

Според градоначалникот Костадинов Струмица е подготвена да се приклучи на алтернативен гасен интерконектор до Петрич и со тоа значително ќе се намали цената на гасот и нема зошто да се чека гасот да се врти преку Битола и Штип кога за Струмица е оддалечено само 22 километри и веќе постојната мрежа може да го прифати.

На состанокот беше побарано од „Здрава котлина“ да достават писмен документ со барањата од протестот за точно и конкретно да се види што е надлежност на Општината и што може да се направи, а што е во надлежност на централната власт.

Заеднички е ставот дека Струмица може и мора да се промени, а најдобро е тоа да биде во конструктивна соработка за доброто на граѓаните.