Вечерва по 24-ти пат Струмица беше домаќин на традиционалната манифестација „Тортијада 2023“ на лицата со телесен инвалидитет од целата држава, а во организација на Здружението „Мобилност“ од Струмица. И оваа година ова прекрасно натпреварување во правење торти, ја имаше поддршката од градоначалникот Костадин Костадинов и општина Струмица.
Тортијадата за отворена ја прогласи Елена Магеровска Паликарова заменик градоначалник и член на Советот на општина Струмица.
-Убава е оваа глетка која укажува на фактот дека постојат некои нешта кои со љубов, ентузијазам и самопрегор се организираат во чест на традицијата која од година во година се повеќе се негува и унапредува. Таков е случајот и со оваа „Тортијада“ која Мобилност-Струмица ја организира по 24-ти пат, а се разбира со поддршка на Мобилност – Македонија. За таквата упорност и верност кон традицијата од страна организаторите и учесниците, и едните и другите заслужуваат големи честитки.
Креативноста во изработката на тортите на различни убави теми, како и нивниот вкус, се исто така за секоја почит и внимание. Сите членови на Мобилност од градовите учесници се нашите херои и на сите до еден им се поклонувам. Иако Тортијадата има натпреварувачки карактер, многу поважно од се е негувањето на традицијата, дружењето и продлабочувањето на пријателствата. А што се однесува до наградите, верувајте ми на зборот, сите сте победници, а апсолутен победник е самата манифестација – 24-та „Тортијада“ – 2023-та, која успешно опстојува безмалку четвртина век, а ќе опстојува уште многу, многу години. Честитајќи им уште еднаш на организаторите и посакувајќи им успех на натпреварувачите, ве уверувам дека , како и до сега, така и во иднина, поддршката од градоначалникот и Општина Струмица никогаш нема да изостане, рече во своето обраќање Магеровска Паликарова.