Во основното општинско училиште „Видое Подгорец“ во Струмица, денеска беше отворена сензорна соба којашто секојдневно ќе обезбедува педагошка поддршка за учениците со образовни потешкотии.
Отворањето на оваа сензорна соба во основното училиште ООУ „Видое Подгорец“ во кое се образуваат 892 ученици, е од огромна важност за самото училиште, но и за општина Струмица, воопшто. Но не смееме да заборавиме дека таква сензорна соба, по заслуга на Општина Струмица и тогашниот градоначалник Зоран Заев, беше отворена во 2016 година во ООУ „Сандо Масев“ како прва од таков вид во државата, откако десет години пред тоа беа отворени и првите специјални паралелки кои прераснаа во Центар за поддршка на образованието на ученици со попреченост.
Сензорните соби нудат стимулација на учениците со попреченост во заштитена и контролирана средина, во која преку индивидуална работа со 25 деца, колку што имаат потреба во моментов во ова училиште, ќе се овозможи развој на нивните потенцијали и активно вклучување во воспитниот и едукативниот процес, рече градоначалникот Костадинов.
Отворањето на сензорната соба се спроведува како дел од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, кој е финансиран од Европската Унија, а со поддршка на Германско друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).