Градоначалникот Костадин Костадинов, денеска одржа работна средба со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. На средбата се разговараше на теми поврзани со безбедноста и јавниот ред и мир во општина Струмица.
Посебен акцент во разговорот беше ставен на активностите на Локалниот совет за превенција којшто го негува и унапредува партнерството со институциите и граѓаните, пред се со полицијата, а во функција на решавање на локалните проблеми од безбедносен карактер. Како резултат на досегашната одлична соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа, особено во делот на функционирањето на Локалниот совет за превенција, министерот Спасовски најави дека токму градот Струмица ќе биде една од петте локации на којашто ќе се одвиваат дел од планираните свечени активности по повод годинешното одбележување на Денот на полицијата – 7 Мај.