Делегација од општина Струмица, предводена од Градоначалникот Костадин Костадинов е во работна посета на Град Љубљана, Република Словенија. Во рамки на посетата, делегацијата реализираше серија средби во Јавни Претпријатија кои функционираат во рамки на градот Љубљана. Фокус беше ставен на согледување на функционалноста, практичната примена и имплементација на деловните задачи од областа на јавниот превоз и урбаната мобилност, справувањето со отпад, третманот на бездомните животни и туристичкиот потенцијал. Градоначалникот на Струмица оствари средба со г-дин Зоран Јанковиќ, Градоначалник на Општина Љубљана на која разговараа на различни теми поврзани со искуствата и практиките од управувањето со локалната самоуправа. Во рамки на посетата, делегацијата од општина Струмица оствари средби во Јавното Претпријатие за превоз на патници, Јавно Претпријатие кое работи во доменот на третман на бездомните животни и во Комуналното Претпријатие и Центарот за рециклажа на отпад кои функционираат како дел од градската самоуправа на Љубљана.