Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов присуствуваше на настанот по повод одбележување 20 години од историското проширување на Европската Унија во 2024 година

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов присуствуваше на настанот по повод одбележување 20 години од историското проширување на Европската Унија во 2024 година

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов присуствуваше на настанот по повод одбележување 20 години од историското проширување на Европската Унија во 2024 година, организиран од Европска Куќа Струмица и Амбасадата на Словачка. Oбраќање кон присутните имаше Н.Е. Хенрик Маркуш, Амбасадор на Словачка, кој сподели сознанија за предизвиците и успесите на Словачка за време на нејзиниот пристапен процес, нудејќи значаен увид за она што ги очекува земјите аспиранти за членство, меѓу кои и Северна Македонија.

Присутните имаа можност да погледнат изложба на дела на тема: достигнувањата на шесте членки на ЕУ кои се приклучија на унијата во 2004 година, преку која беше нагласено длабокото влијание на членството во ЕУ врз дипломатијата, развојот и соработката.

“Денес се одбележува 20-годишнината од еден од клучните моменти во Европската историја. Како сведоци и протагонисти на напредокот и споделувањето заеднички вредности што ги претставува Европската Унија, треба и мора уште посериозно да работиме и да се посветиме на подобрување на нашите перформанси. Чекорите на Словачка до членство во ЕУ се моќен пример за тоа како упорноста, реформите и практицирањето на демократијата можат да трансформираат една нација, во прогрес. Денешниот настан е убаво потсетување на огромните можности, но и одговорности и обврски кои доаѓаат од ЕУ. Во оваа насока, Струмица останува посветена во аспирациите на Северна Македонија за влез во унијата. Делуваме локално, преку поддршка, стимулирање и примена на позитивните европски принципи на различни нивоа – од работата на локалната самоуправа до секојдневието на граѓаните.“ – изјави Костадин Костадинов, Градоначалник на Струмица.

Во рамки на одбележувањето на овој јубилеј, Градоначалникот активно учествуваше во дискусијата и во таа смисла се заблагодари на Европска Куќа Струмица и Амбасадата на Словачка за поттикнување дијалог и размена на искуства од земјите-членки на ЕУ, со цел зајакнување на пристапните напори на Северна Македонија.