Градоначалникот Петар Јанков и претставникот на УНДП Грегоријан ја потврдија изградбата на нов парк во Струмица

Градоначалникот Петар Јанков и претставникот на УНДП Грегоријан ја потврдија изградбата на нов парк во Струмица

Градоначалникот на општина Струмица Петар Јанков, денеска, имаше средба со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава, Армен Грегоријан.

Градоначалникот Јанков и постојаниот претставник Грегоријан, разговараа за соработката меѓу општина Струмица и УНДП и реализацијата на тековните проекти, со заеднички заклучок дека таа треба да се проширува во повеќе области.

Во фокусот на разговорите беше проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој предвидува изградба на парк во населбата Карпош дел 2, кој што е заедничка инвестиција во вкупна вредност од 26 милиони денари, 16 милиони од Општината и 10 милиони денари од УНДП.

По средбата во кабинетот, градоначалникот Јанков и постојаниот претставник на УНДП Грегоријан со соработниците, ја посетија локацијата каде што ќе се гради паркот.

Оваа нова паркова површина од 14.000 метри квадратни кај градинката „Виножито“, ќе претставува уште еден дополнителен зелен и урбан простор во новата населба Карпош со поставување на современа урбана опрема, детски и спортски игралишта и засадување на околу 600 дрвја.