Градоначалникот Коста Јаневски, денеска, пред почесните конзули на Република Северна Македонија, акредитирани во странство, ги презентираше економските потенцијали на општина Струмица. Тој ја побара нивната помош за подобра промоција и пласман на струмичките производи, но и за услугите на струмичките компании. Градоначалникот Јаневски потенцираше дека во сите дипломатско конзуларни претставништва на нашата држава во странство ќе биде доставен Каталог во кој се претставени најуспешните извозно – ориентирани претпријатија од Струмица.
Како Градоначалник на општина Струмица, обраќајќи ви се Вам, почесни конзули кои извршувате економски мисии во странски држави, барам да помогнете во поврзувањето на струмичките претпријатија со деловни партнери од странство. Во сите дипломатско – конзуларни претставништва на нашава земја во странство доставуваме Каталог на фирми од општина Струмица, во кој се претставени најуспешните извозно ориентирани претпријатија од општината. Барам да помогнете за подобра промоција и пласман на струмичките производи од земјоделството, прехрамбените производи, пијалаци, мебел, текстил, градежни материјали, метални производи, амбалажа, хемиски производи и слично, но и да ги понудите услугите на струмичките компании за транспорт, компјутерско програмирање и изработка на софтвери. Почитувани конзули, препорачете ги струмичките брендови на компаниите во странство. Идентификувајте ги потенцијалните инвеститори кои се подготвени да вложуваат во Струмичкиот регион. Да изградиме мрежа на партнерство и соработка која ќе има за цел, поддршка на развојот на струмичкиот бизнис сектор, а со тоа и поголем економски развој на општина Струмица. Убеден сум дека бенефитите нема да изостанат, рече градоначалникот Јаневски. За бизнис можностите на Струмица зборуваше и Ѓоко Ристовски, раководител на Одделението за меѓународна соработка и европски фондови во општина Струмица. Градоначалникот Јаневски и почесните конзули ги посетија компанијата НИПРОМ ДОО и винаријата Далвина.