Општина Струмица активно се вклучи во одбележувањето на Неделата на пешаците преку едукативна активност насочена кон зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено кај повозрасните граѓани.
Во организација на Отсекот за превенција при СВР Струмица, а во соработка со Општина Струмица и ОСБСП, беше реализирано едукативно предавање наменето за пензионерите, како една од најранливите категории учесници во сообраќајот. Главната цел беше подигање на свеста за безбедно движење и почитување на сообраќајните правила.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, началникот на СВР Струмица, Дејан Ефтимов, како и полициски службеници.
Беше спроведена и практична демонстрација на пешачкиот премин пред Основниот суд во Струмица, каде на присутните им беа презентирани правилата за безбедно преминување на улица и значењето на сообраќајната сигнализација.
Притоа беше најавено и воведувањето на системот „Сејф Сити“ во Струмица, кој се очекува да биде имплементиран до крајот на годината.
Во текот на посетата, градоначалникот Јанков оствари и работна средба со директорот на Бирото за јавна безбедност и началникот на СВР Струмица, на која се разговараше за унапредување на меѓусебната соработка, со посебен акцент на превенцијата, јавната безбедност и развојот на сообраќајната култура.

