Завршија осумдневните карневалски свечености – вратен клучот на градот

Завршија осумдневните карневалски свечености – вратен клучот на градот

Претседателката на Организациониот одбор на карневалот, Танкица Стојанова, од името на карневалџиите денеска му го врати клучот од градот на градоначалникот Петар Јанков, со што симболично завршија осумдневните карневалски празнувања во Струмица.

Таа се заблагодари за довербата и големата поддршка што Организациониот одбор ја добиваше во текот на сите карневалски денови, истакнувајќи дека градот имаше карневалска недела каква што заслужува – исполнета со масовност, креативност и позитивна енергија.

Градоначалникот Петар Јанков оцени дека годинашното издание е едно од најуспешните досега и им упати благодарност на сите што учествуваа во организацијата и реализацијата.

„Ние, струмичани, покажавме дека сме гостопримлив народ и секогаш подготвени за добра забава. Сакам да им се заблагодарам на сите кои придонесоа ова карневалско издание да биде едно од најдобрите. Посебна благодарност упатувам до Министерството за култура и туризам за поддршката, до Организациониот одбор, до сите учесници со нивните богати и креативни маски, како и до МВР, волонтерите на Црвениот крст и сите други кои помогнаа во организацијата. Нашата обврска е да ја негуваме традицијата и да го чуваме струмичкото карневалско чудо“, истакна Јанков.

На свечениот чин на враќањето на клучот му претходеше одбележување на тримерските обичаи со посна трпеза во фоајето на Центар за култура „Антон Панов“, проследено со настап и прекрасни изведби на ансамблот „Распеани струмичани“.

Со тоа официјално беше спуштена завесата на уште едно успешно карневалско издание, кое уште еднаш ја потврди Струмица како град на традицијата, маските и карневалскиот дух.