Започнуваат осумдневните карневалски празнувања

Започнуваат осумдневните карневалски празнувања

Вечерва со симболичното предавање на клучот од градот на карневалистите од страна на градоначалникот Костадин Костадинов започнуваат осумдневните карневалски празнувања во Струмица.

По тој повод денеска се одржа прес конференција на којашто за значењето на карневалот и овогодишната програма и учесни зборуваа градоначалникот Костадинов и претседателот на Организациониот одбор на карневалот, Александар Цицимов.

-Денеска е големиот ден кога влегуваме во карневалско расположение, а за кое прво сакам да истакнам благодарност до Советот на општина Струмица за целосната поддршка и за зеленото светло коешто го дава за буџетот на програмите за културата, а во конкретниот случај за карневалот, и секако на Карневалскиот одбор и би рекол вечниот претседател Александар Цицимов.

Јас посакувам како и секоја година така и оваа да биде полна со луѓе. Струмичките угостителски објекти и компании и граѓаните пред се да се покажат како добри домаќини и повикувам да уживаме во прекрасните настани поврзани со струмичкиот карневал и денеска во 18 часот ќе го предадеме клучот односно власта од моја страна како градоначалник во рацете на карневалистите. Нека ни е вечен струмичкиот карневал, да знаеме што значи таа традиција, којашто не е само локален идентитет, туку и национален идентитет и овде е поддршката на општина Струмица преку Советот од 3 милиони денари со тенденција таа да продолжува и сакам да се заблагодарам за да не биде дека само критикувам, и на Министерството за култура за поддршката, тоа е начинот како треба да функционираме. Нека ни е со среќа струмичкиот карневал, рече градоначалникот Костадинов.

Инаку, сите сместувачки капацитети во Струмица се исполнети и во тој контекст градоначалникот Костадинов испрати порака до градежните компании и инвеститорите за инвестиции во хотелското сместување бидејќи на Советот е донесена одлука за промена на планот за градешно земјиште со којашто комуналиите за хотелско сместување се намалени.

Според претседателот на Организациониот одбор на карневалот Александар Цицимов, годинава заради совпаѓањето на одржувањето на други карневали со Струмичкиот намален е бројот на карневалските групи од странство, но и покрај тоа има учесници од повеќе земји и други градови од државата.

-Имаме гости од Хрватска, Црна Гора, Србија и Бугарија. Ќе имаме вкупно 35 групи и со тоа на некој начин ја означуваме симболиката 35 години од обновената организирана форма на Струмичкиот карневал. Од нив 11 се од странство, 18 се од Струмица и шест од други градови во државата, информираше Цицимов.

Тој најави дека Здружението на угостители од Струмица за годинашново издание на Карневалот, имаат намера на Чист Понеделник да го срушат светскиот рекорд во делење порци со бел грав.