Согласно Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.116/2020), Ве известувамe дека:
Запишувањето на децата во прво одделение во основните училишта во општина Струмица за учебната 2020/2021 година ќе се спроведе во месец јуни, во термин утврден од страна на Комисијата за запишување на ученици, формирана од страна на директорот на училиштето. Училиштето за запишаните ученици ќе истакне список на својата огласна табла, најдоцна до 15 јули 2020 година.
Известување, протокол за утврдување на процедурата за запишување на ученици во прво одделение во основните училишта, – Превземи – Protokol.pdf
Во прво одделение на основното училиште родителот, односно старателот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската 2020 година ќе наполни шест години. Родителот може да го запише детето во прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари 2021 година, но по претходно добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.
При запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот, е должен да достави потврди за примените задолжителни вакцини и за стоматолошки преглед, издадени од ЈЗУ Здравствен дом Струмица.
Родителот, односно старателот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон. Родителот, односно старателот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува и од училиштето од реонот во кој живее или каде што постојано престојува. Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување или доколку ученикот од другиот реон или општина нема можност за следење на наставата на својот мајчин јазик во својот реон односно општина.
Запишувањето на детето, на барање на родителот, односно старателот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште. За незапишувањето, односно за неподготвеноста на детето за тргнување во основно училиште, комисијата за запишување на детето во училиштето е должна писмено да го извести родителот, односно старателот, најдоцна до 15 јули 2020 година.
Имајќи во предвид дека сé уште сме во период на пандемија на КОВИД-19, неопходно е при процесот на запишување на децата во прво одделение задолжително да се почитуваат мерките и препораките од Министерството за здравство за заштита од КОВИД-19 и Протоколот за утврдување на процедурата за запишување на ученици во прво одделение во основните училишта од Министерството за образование и наука.