Денеска се навршуваат точно 11 години од една голема трагедија која сите струмичани ја памтиме и не сакаме никогаш да се повтори. Тоа е големиот шумски пожар со човечки жртви којшто на 23 јули 2012 година се случи кај месноста „Двата пата“ над Струмица.
Огнената стихија која беше предизвикана од човечки фактор, имаше дотогаш невидени размери на нашите простори и беа потребни натчовечки напори и голема храброст за да се спречи нејзиното ширење кон градот. Во гаснењето на пожарот покрај пожарникарите се вклучија и граѓаните кои ризикувајќи ги сопствените животи не дозволија да се случи уште поголема трагедија.
-Но, за жал во таа борба со огнот, животите ги загубија четворица наши сограѓани, браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од Рич, Војо Гркљанов од Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица. И по 11 години од големата трагедија, денеска се собравме овде пред Споменикот подигнат во нивна чест, да им се поклониме за нивната храброст и пожртвуваност и да потврдиме дека НИКОГАШ нема да заборавиме што направија за струмичани и Струмица.
Одбележувањето на 11-годишнината од големиот пожар кај „Двата пата“ нека биде потсетник за сите нас, дека со оган нема играчка, особено во период со високи температури треба да бидеме многу внимателни посебно во шумски места бидејќи многу лесно може да се предизвикаат големи трагедии.
Нека им е вечен споменот на хероите Пено Стојанов, Блажо Стојков, Војо Гркљанов и Мите Ѓеоргиев и ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори, изјави Александар Ненчев член на Советот на општина Струмица.