Градоначалникот Петар Јанков и Општина Струмица денеска оддадоа почит кон минатото и потсетија на идејата што не згаснува – идејата за слободна, достоинствена и своја Македонија, како што ја замислувал македонскиот револуционер и великан, Гоце Делчев.
Пред неговиот споменик, на плоштадот што со гордост го носи неговото име, се одржа свеченост по повод 123 години од неговата смрт. За животот и делото на Делчев говореше градоначалникот Јанков.
„Гоце Делчев не беше само револуционер. Тој беше учител, визионер и градител на национална свест. Во времиња кога македонскиот народ бил негиран, притискан и разединуван, Гоце ја разбуди мислата дека овој народ има свое име, свој дух и свое право на слобода. Тој знаеше дека народ без свест е лесно поробен, а народ со свест – непобедлив. Затоа денес, кога зборуваме за македонската нација, треба да зборуваме јасно и достоинствено – дека нашето постоење не започнува со ничија дозвола, ниту зависи од ничие признавање. Македонскиот народ постои преку својата историја, својот јазик, својата култура, својата борба и својата жртва“, рече Јанков.
Осврнувајќи се на предизвиците и отворените прашања со кои се соочува државата, градоначалникот упати и неколку пораки:
„Најсилниот одговор што можеме да го дадеме е силна Македонија – со образовано младо поколение, со развиени и модерни општини, со економија што го задржува народот дома, со институции што ја штитат вистината и со народ што верува во себе. Тоа е современиот аманет на Гоце Делчев. Да го чуваме, да го живееме и да го пренесеме на генерациите што доаѓаат“, додаде Јанков.
Градоначалникот положи свежо цвеќе пред споменикот на Делчев, а почит му оддадоа и претставници на државни и општински институции, политички партии, Општинскиот одбор на Сојузот на борците, нивни поддржувачи и здруженија на граѓани.
Во чест на Делчев, револуционерна поезија рецитираа членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“.

