На денешен ден, пред 153 години, се роди големиот македонски херој и револуционер Гоце Делчев. Во негова чест денеска се одржа пригодна програма пред неговиот споменик на градскиот плоштад, а за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.
-Голем е овој денешен ден, голем и исклучително значаен за сите нас и за нашата историска биднина, ден кој секоја година го славиме со гордост и пиетет. Голем е денов затоа што е голем човекот кој се родил во него. Поголем син не родила нашата Македонија, па затоа е најспомнуваниот и најчествуваниот лик од нашата историја. Генерации и генерации Македонци му се поклонувале и уште многу генерации ќе му се поклонуваат во иднина, се дури не има на овој бел свет, оти бесценет е неговиот влог во македонското револуционерно дело. Еден е Гоце Делчев, човекот кој и денес не собра за да му ја покажеме нашата љубов, внимание и почит, нашето големо „благодарам“ за се што стори во својот краток но исклучително бурен и револуционрен живот.
Токму затоа, овој ден треба да го славиме и да го чуваме во нашиот историски споменар, оти да не постоеше 4. Февруари 1872 година, немаше да постојат најсветите страници од нашата историја, немаше да бидеме толку горди, колку што сме, рече градоначалникот Костадинов.
Во програмата учествуваа и ученици од ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса кои рецитираа револуционерна поезија.