Општина Струмица е дел од проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“.
Проектот е финансиран од Министерството за надворешни работи на Република Словенија и Словенски Каритас, а ќе се спроведува во соработка со општините од Југоисточниот регион во наредните три години.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, денеска оствари средба со директорот на Македонски Каритас, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, отец Гоце Костов (одговорен за односи со јавноста), Верица Ангеловска (координатор за зелени иницијативи за жени) и Александар Младеновски (координатор за општинска поддршка).
На средбата беше потпишан Меморандум за соработка, во пресрет на официјалниот почеток на проектот.
Вклученоста во проектот ја потврдува заложбата на градоначалникот Јанков и на општина Струмица за обезбедување чиста вода, здрава животна средина и поголема вклученост на жените во подобрувањето на услугите со цел постигнување на овие приоритети.

