Предаден на користење реконструираниот објект на Фондацијата „Елеуса“

Предаден на користење реконструираниот објект на Фондацијата „Елеуса“

Денес, на свечен начин, беше предаден во употреба реконструираниот објект на Четврта месна заедница, кој, по предлог на градоначалникот Костадин Костадинов и едногласна одлука на Советот на општина Струмица, е доделен на трајно користење на Фондацијата „Елеуса“.

На свеченоста свое пригодно обраќање имаше градоначалникот Костадинов, кој меѓу другото истакна: „Му се радувам на овој редок и убав свечен чин и на можноста која ја имам, да го споделам со Вас моето задоволство од овој прекрасен епилог кој е сведоштво за моќта на љубовта. Таа искрена љубов ни покажува денес, како еден добродушен и корисен предлог, поткрепен со визијата за поубаво утре, станува наша реалност и наша сегашност која, со Божа волја и со волјата на добрите луѓе, ќе ја креира убавата страна на нашата иднина.

За сите досегашни хумани ангажмани, за се што стори за граѓаните од општина Струмица, Фондацијата „Елеуса“ повеќе од заслужено добива свои простории, преку кои, со уште поголем обем и динамика, ќе ги организира и реализира сите понатамошни активности. Струмица треба да биде благодарна и среќна што ја има фондацијата „Елеуса“, и таа иста Струмица знае како на љубовта и човечноста на „Елеуса“ да и возврати со љубов и човечност“.

Инаку, во објектот ќе бидат сместени канцелариите на Фондацијата, како и магацински простор за подготовка на хуманитарните пакети и други потреби за социјално загрозените семејства и поединци. Дополнително, преку овој објект, ќе се имплементира и сервис од Програмата за рехабилитација и реинтеграција на жените жртви на семејно насилство, со „Куќа на половина пат“.