Општина Струмица силно ги поддржува иницијативите кои придонесуваат за зачувување на културното наследство, развој на туризмот и зајакнување на регионалната соработка.
Ова уште еднаш го потврди градоначалникот Петар Јанков на вториот управувачки состанок во рамките на проектот „CulTour Crossing Borders“, кој претставува успешен пример за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција.
Во рамките на проектот ќе се реализира реставрација и ревитализација на Римските терми во Банско – едни од највредните културно-историски локалитети во општината и регионот. Со оваа инвестиција не само што се зачувува културното наследство, туку се отвораат и нови можности за развој на туризмот, економски напредок и подобрување на квалитетот на живот на локалното население.
Во реализацијата на иницијативата активно учествува и Националната установа Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица, која се залага за одржлив модел на развој што ќе донесе долгорочни придобивки за сите вклучени заедници.

