Денеска се одржа последната конференција на Локалниот Совет за превенција на општина Струмица во оваа година. На дневен ред беше извештајот за преземените мерки и активности по претходно донесените заклучоци на работната конференција одржана на почетокот од овој месец околу узурпирањето на јавните површини за продажба на текстилни производи и храна. Градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека е задоволен од ангажманот на сите чинители во Локалниот Совет за превенција затоа што видливи се резултатите.
Ако беше предизвик расчистување со дивите продавачи, пред се на текстил и зелении производи по булеварите „Маршал Тито“ и „Ленинова“, сега, после акциите коишто ги преземаме, изречени се дваесетина прекршочни казни и две пријави за кривично гонење на одредени чинители. Нашата цел не е да казнуваме. Повеќе пати апелиравме дека место за продажба се пазарите, всушност и пазарот Чешел го отворивме да работи секојдневно, а не само во сабота.
Секој кој го почитува законот и нашите апели нема да се соочи со казна. Секој што ќе продолжи без да ги почитува законите и насоките од Локалниот совет за превенција, нормално е дека следува казна.
Посебен предизвик ни е периодот пред празниците, ќе не има многу често на терен за да не дозволиме појава на диви продавачи, а со тоа да ја штитиме економијата која работи според сите законски прописи. Сивата економија е проблем и во државата, но еве ние, како Општина пример за решавање на сивата економија, дејствуваме, рече градоначалникот Костадинов.
На работната конференција, Костадинов го акцентираше и проблемот којшто го имаат козметичарите со нелојалната конкуренција, а за кој беше информиран на денешната средбата во неговиот кабинет. Според градоначалникот, појавата на даватели на козметички услуги коишто не се регистрирани е ист проблем како и со дивите продавачи.
-Сосема го разбираме социјалниот сегмент и не планираме никого да казниме, туку нашата примарна цел е таквите луѓе да ги ставиме во системот, да подмируваат плати, да плаќаат давачки кон општината и државата заради поголема функционалност без да имаат штета на нивните бизниси. На многу различни начини и како Општина и како централна власт го потикнуваме развојот на претпримништвото на жените и мажите, на младите, на повозрасните, но мора да има ред за да имаме и општина и држава, додаде Костадинов за проблемот на козметичарите.