На денешната седница на Советот на општина Струмица беа усвоени повеќе одлуки, извештаи, програми и планови на на Општината, општинските јавни претпријатија и институции.
Покрај кварталниот извештај за извршување на буџетот за вториот квартал од 2024 година, усвоени се и годишниот план и одлуката за давање на согласност за обезбедени финансиски средства за пополнување на работни места во општинската администрација за 2025 година, одлуките за давање на трајно користење на објекти на Доброволното противпожарно друштво Струмица и Фондацијата „Елеуса“, како и одлуката за преместување на спомен обележјето на народниот херој Благој Јанков Мучето во просториите на НУ Завод и Музеј – Струмица.
Советниците ја изгласаа и предлог-одлуката на градоначалникот Костадин Костадинов, малиот градски парк во Струмица да се вика Петте струмички студенти, во знак на почит и кон нив, но и кон нивните фамилии.
На денешната седница на дневен ред беа и општинските јавни претпријатија „Струмица – Транспорт“, „Комуналец“, „Паркиралишта – Струмица“, „Струмица – Гас“, „Стационарот Лана“, основните и средните училишта, музичкото училиште и детските градинки со извештаите за работа во првата половина од оваа година, годишните планови за вработување за 2025 година, како и давањето согласност за формирање на паралелки со помал број ученици во училиштата.
Со одлука на Советот, на четворица граѓани од општина Струмица им е доделена парична помош во износ од 60.000 денари.