На денешната 45-та сеница на Советот на општина Струмица беа усвоени извештајот за реализација на буџетот за четвртиот квартал од 2020 година, завршната сметка на буџетот, годишниот извештај на Општината и извештаите за реализација на општинските програми за 2020 година. Според градоначалникот Коста Јаневски, во текот на буџетската 2020 година, вкупните приходи на буџетот на општина Струмица имаат реализација од 86 проценти. Вкупните приходи ги сочинуваат основниот буџет кој е реализиран со 84 проценти во однос на планираното, наменските дотации 100 проценти, самофинансирачките активности 36 посто од планираното, донациите имаат реализација од 44 проценти и во делот на кредити има реализација од 55 проценти.
Кај дотациите процентот на реализација е највисок, 100 проценти, затоа што средствата од блок дотацијата за 2020 година кои како месечен прилив на средства доаѓаат во колоната дотација, а на буџетските корисници им се овозможува во најголем дел да ги користат за плата, а многу помал дел за тековни трошоци, максимално ги исцрпуваат и не им достасуваат да ги покријат сите потреби вклучувајќи ги и заостанатите долгови за 2019 година. Дефицит се појавува само кај самофинансирачките дејности каде што реализираните расходи се поголеми од реализираните приходи и тоа за 1.582.607 денари кои се покриваат од пренесеното салдо од претходната 2019 година.Во однос на минатата година, процентот на реализација на вкупните приходи е поголем за 4 процентни поени, односно, во 2019 година вкупните планирани приходи во буџетот се реализирани со 82 проценти и кај основниот буџет процентот на реализација е поголем за 14 процентни поени во однос на минатата година, кога процентот на реализација бил 70 проценти споредено со четвртиот квартал на 2020 година.На седницата беа усвоени и извештаите за работата на Отворениот граѓански универзитет „Јоска Свештарот“, домот за деца и млади „Благој Мучето“ и библиотеката „Благој Јанков Мучето“, извештаите и годишните сметки на јавните претпријатија „Струмица гас“ и „Паркиралишта – Струмица“ за 2020 година и измените и дополнувањата на програмите за работа во оваа година, извештајот од процена на штета од пожарот во ТЦ „Глобал“ од 02.01.2021 година, а беа усвоени и повеќе одлуки од областа на урбанизмот.