Општина Струмица отвори уште една страница од своето „зелено поглавје“ со официјалното отворање на нов современ парк, изграден на површина од 12.712 квадратни метри, на просторот на поранешната касарна, во близина на детската градинка „Виножито“.
Свеченото отворање помина во весела атмосфера, каде главната улога ја имаа најмладите талентирани струмичанчиња. Нивните музички и сценски настапи ги следеа градоначалникот Петар Јанков со своите соработници, проектните партнери, претставници на институции и бизнис секторот, како и бројни граѓани и љубители на зелените површини.
Во своето обраќање, градоначалникот Јанков истакна дека овој парк претставува уште една потврда дека европските вредности, одржливиот развој и грижата за животната средина се главен приоритет на општина Струмица.
„Со инвестиција од 390.000 евра создаден е парк со 1.628 метри пешачки патеки од природен травертин, богати тревни површини, централна декоративна жардинерија и внимателно избран хортикултурен концепт. На овој простор се засадени 460 украсни и автохтони дрвја и растенија. Секое дрво е симбол на нашата одговорност кон идните генерации“, истакна Јанков.
Паркот е опремен со енергетски ефикасно ЛЕД осветлување и соларен фотонапонски систем, што го прави пример за современо, одржливо и еколошко урбано планирање.
Проектот е реализиран во рамките на „Зелен пулс“, како дел од прекуграничната соработка финансирана од Европската Унија преку Интеррег-ИПА програмата со Република Бугарија, во партнерство со Министерството за локална самоуправа на Република Македонија.


