Струмица домаќин на Државното првенство во шах за ученици

Струмица домаќин на Државното првенство во шах за ученици

Струмица денеска е домаќин на Државното првенство во шах за ученици од основните и средните училишта во Македонија. Првенството се одржува во спортската сала на СОУ „Јане Сандански“, а го отвори градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков.

Тој на учесниците им посака добредојде во Струмица – општина во која со години се вложува во младите, спортот и образованието. Воедно упати благодарност до Федерацијата на училишен спорт на Македонија и до Општинскиот сојуз на училишен спорт – Струмица за организацијата на овој значаен настан.

„Особено ме радува што денес тука се најдобрите млади шахисти од основните и средните училишта од цела Македонија. Вие сте пример дека младите можат да се натпреваруваат со знаење и интелигенција. Верувам дека токму меѓу вас се идните шампиони кои ќе ја претставуваат нашата држава и на меѓународната шаховска сцена. Шахот е многу повеќе од игра. Како што тече секоја партија, така се развиваат размислувањето, трпението, дисциплината и стратегијата – квалитети што ве градат не само како натпреварувачи, туку и како личности“, рече градоначалникот Јанков.

На ова Државно првенство во шах, поддржано од општина Струмица и градоначалникот Петар Јанков, учествуваат вкупно 213 момчиња и девојчиња од основните и средните училишта од целата држава.