Струмица одбележа три големи јубилеи на ООУ ,,Св. Кирил и Методиј” со свечена академија

Струмица одбележа три големи јубилеи на ООУ ,,Св. Кирил и Методиј” со свечена академија

Градоначалникот на општина Струмица Петар Јанков вечерва присуствуваше на Свечената академија на ООУ ,,Св.Кирил и Методиј”, а по повод три големи јубилеи: 160 години училиште на македонски народен јазик,, 80 години образование на македонски литературен јазик и 65 години основно училиште. Јубилеи достојни за почит кои ја имаа вечерва во НУЦК ,,Антон Панов”. Градоначалникот Петар Јанков, кој беше и покровител на Свечената академија, на сегашните и поранешните наставници и ученици од ова училиште им ги честиташе трите јубилеи со желба да се множат годините исполнети со успех и потенцираше дека општина Струмица останува силен партнер на училиштето во обезбедувањето на квалитетни услови за воспитно – образовниот процес. -.160 години од формирањето на првото училиште, повеќе од век и половина огромен труд и просветителски дух. 160 години во кои наставниците од ова место го чуваат пламенот на знаењето, го пренесуваат од генерација на генерација и ја обликуваат иднината на нашата заедница. Во тие години се родиле стотици човечки приказни: први букви, први пријателства, први успеси, но и први соништа кои токму од овде, почнале да стануваат реалност. Денес одбележуваме и 80 години настава на македонски јазик, јазикот кој е наше културно наследство, наш идентитет и наш темел, а 65-годишниот јубилеј на осмолетката зборува за повеќе од половина век современо образование, структурно унапредување, проширување на знаењето и јакнење на улогата на училиштата во општеството.. Како што и нашите најголеми просветители Св Кирил и Методиј, чии имиња гордо ги носи ова училиште, така и вие ја продолжувате нивната мисија да го ширите знаењето, да го чувате јазикот, да ја будите љубопитноста и да ги водите новите генерации кон светлината на образованието, рече градоначалникот Јанков во вечерашното обраќање пред присутните на Свечената академија. Во чест на трите јубилеи беше изведена богата програма во којашто учествуваа поранешни и сегашни ученици и наставници од училиштето. На академијата присуствуваа и членови на Советот на општина Струмица.