Утре започнува интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Утре започнува интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Под покровителство на градоначалникот Костадин Костадинов и општина Струмица утре во 20:30 часот во амфитеатарот ќе започне деветнаесеттото издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Првата фестивалска вечер ќе започне со проекција на канскиот лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“ во режија на Небојша Слијепчевиќ. Овој тринаесетминутен хрватски филм, со Горан Богдан во главната улога, неодамна освои „Златна палма“ за краток филм на Канскиот филмски фестивал.

Лауреат на наградата „Астер“ на овогодишниот „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески, кој оваа престижна награда ја добива за неговата исклучителна филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус. Наградата на Митрикески ќе му биде доделена на самиот чин на отворањето на „Астерфест“, на кое ќе бидат прикажани уште дванаесет селектирани кратки филмови.

На програмата се филмови од дваесетина држави од сите меридијани, кои ги потпишуваат референтни, високопрофесионални продукции, универзитети и независни филмски автори, од кои повеќето се веќе искусни, а некои се дебитанти.

Деветнаесеттото издание на „Астерфест“ ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“. Со разновидните вечерни проекции во Амфитеатарот и со придружните дневни настани, фестивалот ќе трае до 5 август вечерта, кога ќе се прикажат наградените филмови од натпреварувачката програма.

„Астерфест филм фестивал“, во пресрет на јубилејната сезона, организира серија промотивни настани и авторски проекции, под насловот „Тивериополски филмски денови“, а ја обнови и едицијата книги „Словенски Орфеј“.

Новитет е и востановувањето на Филмската школа на „Астерфест“, што ќе биде своевидно продлабочување на работилниците и мастер-класовите, но со светски едукациски модел на стекнувања искуства и вештини. Школата ќе биде раководена од врвни академски личности од светот на културата, филмот и драмските уметности.